Денеска на владина седница ќе се одлучува каков ќе биде режимот на полицискиот ќас за време на првомајските празници – дали ќе има тридневен карантин, како што препорачаа од Комисијата за заразни болести или не. Епидемиолозите сметаат дека и овој празник, слично како за Велигден, полицискиот час во земјата треба да почне во 19 часот в четврток, 30 април, до пет часот в понеделник (3 мај).

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, вчера на својот фејсбук-профил напиша дека тој ќе предложи за претстојниот празник да нема ограничување како за Велигден. Тој предлага за празникот полицискиот час да важи од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.

Наспроти ова министерот за здравство Венко Филипче вели дека треба да се почитуваат стручните сознанија на Комисијата за заразни болести.

Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома. Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа е така предложено, истакна Филипче.

Тој вчера на прес-конференцијата рече дека според последните анализи на Комисијата за заразни болести, проценките за пикот на заболени се очекува да се движи од 1.600 до 1.800.

Сѐ уште не се опуштаме, сметам дека е рано, така сметаат и епидемиолозите и ескпертите од Комисијата за заразни болести и така ги препорачуваме и димензионираме мерките затоа што така сакаме да продолжи овој тренд“, вели Филипче.

Тој посочи оти првичната проценка дека бројот на заразени ќе стигне меѓу 2.000 и 2.500 била правена врз основа на тогашниот број на пациенти и тогашната претпоставка како ќе се движи кривата. Веројатно, вели Филипче, сега проценките би биле поинакви.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.