Полицискиот час и мерките се укинуваат, но дали и вонредната состојба.Ова остана отворено по денешното обраќање на техничкиот премиер Оливер Спасовски. Тој не кажа дали владата ќе бара од претседателот Пендаровски нова вонредна состојба.
Датумот на одржување на предвремените парламенатрни избори е детерминиран од завршувањето на вонредната состојба во земјава, како што е предвидено со Уредбата за изборните дејствија, повтори техничкиот премиер Оливер Спасовски.
„На граѓаните им треба функционално Собрание. Датумот на одржување на изборите е одреден со Уредбата со законска сила. Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба за 22 дена треба да се одржат избори во Македонија. Тоа е фактичка ситуација. Затоа изборите треба да се реализираат во првиот можен рок. Мораме да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во оној рок кога ќе има најмногу услови. Една од одговорностите на оваа Влада е што побрзо да им ја обезбедиме новата нормалност на граѓаните. Сите кои се спротиставуваат на новата нормалност придонесуваат земјата да ни остане во здравствено-економска криза, а тоа не е одговорно однесување“,
рече Спасовски.
Сепак, премиерот не го спомна 21 јуни како датум за одржување на изборите, односно како дваесет и втор ден – доколку во сабота нема нова одлука за продолжување на вонредната состојба. Исто така, Спасовски, и на прес-конференцијата, како и во изјавата во текот на денот, не исклучи можност Владата да поднесе уште еден предлог до претседателот Стево Пендаровски, со цел продолжување на вонредната состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.