Откако настана забуна кај дел од граѓаните, дека со полицискиот час од вечерва од 21 часот па се до понеделник до 5 часот, не се опфатени општините од скопскиот регион, кои не се под ингеренција на градот Скопје, од Владата појаснуваат дека ригорозниот полициски час ги опфаќа и овие општини.
Одлуката за целосната забрана на движењето што ја донесе Владата на Република Македонија, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот, од денеска (четврток, 4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот важи за сите граѓани кои живеат во општините во Градот Скопје, односно општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, како и околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани.
Забрана за движење во истиот период, од денеска (четврток, 4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот важи и за општините Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и за околните тетовски општини Боговиње, Брвеница, Желино, Јегуновце и Теарце.
Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро. Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.
Отстапките од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 08:30, 15:00 до 15:30 и 20:00 до 20:30 часот, се вели во соопштението на Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.