На предлог на Комисијата за заразни болеси со цел да се спречи натамошен пораст на бројките на заболени и хоспитализирани од КОВИД-19 Владата одлучи од денеска до 22 март биде воведен полициски час што ќе трае од 22 часот вечерта до 05 часот наутро, а движењето во време на ограничувањето ќе биде можно само со дозволи.
Дозволите за движење во време на полициски час што минатата година ги издаде Министерството за информатичко општество и администрација ќе важат и за време на ограниченото движење на граѓаните од утре до 22 март. На оние кои ги изгубиле дозволите МИОА ќе им преиздаде нови. Во однос на издавањето дозволи поврзани со работата на економските оператори по 22 часот задолжени се самите фирми, како што било случај минатата година.
Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.
Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.