Вистински хаос предизивка изјавата на министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски со неговата изјава дека е потребна потврда од училиште за оние деца чии родители ќе земат денови за да останат дома, откако се затворени градинкитеи училиштата поради корона вирусот.
Поради мерката за прекин на образовниот процес со цел спречување на ширењето на коронавирусот, родителот кој нема да доаѓа на работа треба да обезбеди соодветна потврда за детето од градинка или од училиште кое го посетува. Потврдата треба да гласи само на едниот родител и да се достави до работодавачот до терминот за пресметка на следната плата. На таков начин ќе го регулира своето отсуство од работа, соопшти Манчевски вчера во емисијата „24 анализа на ТВ 24“.
Истото утрово го соопштија и од Министерството за труд и социјална политика, кои додадоа дека потврдите ќе треба да се достават до Секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која родителот работи, до терминот за пресметка на следната плата.
Дополнитете мерки и активности за превенција од ширење на вирусот стапија на сила од денеска, но недоволните и нејасни информации од Владата предизвикаа вистински хаос во пракса. Несоодветната информираност и немањето на доволно насоки за постапување може и понатаму дополнително да ја влоши состојбата.
Прво, кога станува збор за потврдите, во краткото соопштение од МТСП не објаснуваат е како да се подигне таа потврда, во состојба кога образовните центри се затворени. Исто така, што е со родителите чии деца не посетуваат градинка?
Понатаму, Манчевски додаде дека се работи за платено отсуство, но не прецизираше што точно тоа значи за приватниците.
Не треба да земаат денови од одмор, не треба да земаат боледување, со оваа потврда ќе се регулира отсуството, а Владата преку Министерството за финансии и економските сектори во моментов прави пресметки и проценки за евентуален надоместок на одредени ефекти кои би се јавиле од примената на овие мерки, посочи тој.
На денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче потенцираше само дека овие препораки важат за сите фирми, вклучително и приватните и дека доколку не се почитуваат, тие може да биде казнети согласно членот 205 и 206 од казнениот законик.
Но, во пракса, голем дел вработени и денеска се на своите работни места, поради нејасните одредби до фирмите. На социјалните мрежи врие од искуства со неспроведување или половично спроведување на мерките за отсуство од работа. Иако од МТСП препорачуваат ваквите случаи да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31, работниците се сомневаат дека на крајот повторно товарот ќе го сносат тие – дали во облик на неплатено отсуство, скратени денови од одмор или скратена плата.
Приватниците, пак, бараат државата да помогне или целосно да го покрие отсуството, бидејќи фирмите, посебно помалите фирми, со сигурност ќе работата во загуба овие две недели, или повеќе, доколку овој период се продолжи.
Кај компаниите постои расположение да се почитуваат мерките кои Владата ги донесе за справување со штетните последици од Ковид-19, но за да се спречат поголеми штети по економијата мора да се размислува и за ургентна и навремена помош која институциите би му ја овозможиле на приватниот сектор, вели претседателот на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.
Никој не сака вработените да се разболат или нивните децата да останат незгрижени, додава таа, меѓутоа мора да се размисли и околу тоа дали и колку ќе можат компаниите да го издржат притисок кој доаѓа од различни страни.
Верувам дека институциите ќе реагираат навремено и дека ќе преземат мерки по примерот на САД, Германија, Словенија за да се намалат штетните последици по економијата, бидејќи тоа негативно ќе влијае на целото општество. Во останатите држави се изготвени предлози за финансиска помош за одржување на ликвидноста на компаниите што се најтешко погодени од влијанието на појавата, кои се добар пример за помош, истакнува Арсовска.
Според неа, на приватниот сектор може да му се помогне на различни начини, преку одвојување средства во Буџетот, привремено ослободување или одложување на плаќањата на даночните обврски или преку поволни кредитни линии и можности за репрограмирање на обврските кои би ги овозможиле институциите и банките.
Не треба да се дозволи компаниите да не можат да ги остварат планираните активности особено оние кои имаат производни процеси поврзани со извоз во земји кои ни се традиционални трговски партнери, потенцира Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.