Кривичната пријава за говор на омраза е поднесена за поглаварот на ИВЗ за навредата кон македонскиот народ од Хелсиншки стигна во Јавното Обвинителство и отворен е предмет по истата. Од МВР потврдуваат дека Секторот за компјутерски криминал ја пречешлал базата на податоци и целиот случај е процесуиран до надлежното обвинителство.

– ОЈО отвори случај по кривичната пријава за говор на омраза против поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи. Предметот веќе е распределен кај надлежен јавен обвинител кој ги утврдува доказите, велат од ОЈО за Алфа.

Хелсиншкиот комитет за човекови права побара итно решавање на случајот, бидејќи како што стои во пријавата недозволиво е верски водач вака да влијае на граѓаните.

– Користењето говор на омраза од страна на вршител на висока верска функција и човек со големо влијание во јавноста е особено опасно и недозволиво. Во една мултиетничка и мултиконфесионална држава, верските лидери треба да се свесни за својата улога и да дејствуваат во духот на толеранцијата и соживотот, а не да иницираат и разгоруваат нетрпеливост и омраза, стои во пријавата.

На церемонија во скопско Арнакија, Реџепи ги оквалификува македонците како див народ без идентитет.

По уцената и ултиматумот кој му го постави Реисот на ИВЗ пред неколку недели за случувањата со Али пашината џамија, премиерот денеска се дистанцираше од било каква осуда за јавниот говор на Реџепи – вели политиката нема да влијае врз верските заедници.

Говорот на Реџепи предизвика лавина реакции за осуда. Реагираше и Комисијата за односи меѓу верски заедници, кои велат недозволиво е човек кој предводи верска заедница да има ваков наратив. Последното однесување на Реисот наиде на жестока осуда и од самите верници муслимани, кои побараа интервенција на надлежните институции, бидејќи ова не е прв пат Реисот да упатува пораки кои предизвикуваат верска и национална омраза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.