До Државната изборна комисија (ДИК) до попладнево пристигнале пет приговори и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето за предвремените парламентарни избори во средата.

До Комисијата два приговори поднела партијата Демократи кои се однесуваат за неважечките гласачки ливчиња. Приговори попладнево поднесоа и Работничка партија МОРО, СДУ и Интегра.

Пред ДИК да ги објави неофицијалните конечни резултати, партијата на Јанко Бачев, Единствена Македонија доставила барање за увид во неважечки ливчиња.

До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање додека до сабота навечер околу 19 часот и 30 минути истекува рокот за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.

ДИК со задоцнување вчера ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот, хакерски напад на веб-страната на Комисијата.

Предвремените парламентарни избори се одржаа под посебни услови поради пандемијата со КОВИД -19. Се гласаше во понеделникот кога се изјаснуваа лицата со КОВИД -19 и во самоизолација, во вторникот кога гласаа болните, изнемоштените и хронично болните и затворениците и во средата кога беше изборниот ден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.