Во организација на Институтот ОХРИД денеска ќе се одржи традиционалното потпишување декларација за фер, слободни и демократски избори меѓу претседателите на подмладоците на политичките партии.

Kако што наведува Институтот, со овој чекор, подмладоците на политичките партии ќе ја покажат својата заложба за спроведување слободни, фер и демократски избори, како и за достоинствена и фер предизборна кампања, а воедно ќе ја искажат својата решителност да се борат против говорот на омраза и да промовираат намалување и отстранување на говорот на омраза во општеството.

Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја, капацитет и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво – наведуваат од Институтот ОХРИД.

Декларацијата за фер, слободни и демократски избори прв пат беше потпишана во 2014 година, а Институтот ОХРИД ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.

Настанот ќе биде јавен, церемонијален, но без публика, согласно рестрикциите наложени од корона пандемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.