Словенија како земја претседавач со Европската Унија беше дел од денешната конференција во Солун „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“, а државниот секретар од словенечкото МНР Гашпер Довжан истакна дека тие се подготвени за олеснување на процесот за членство на земјите од регионот во ЕУ, за тоа да се случи што е можно поскоро, јави дописничката на МИА од Атина.

Довжан рече дека за Словенија, Западен Балкан секогаш бил важен регион, а „сите знаеме дека ако Европа сака да биде глобален, посилен играч тоа би било можно само кога ЕУ ќе ги интегрира партнерите од Западен Балкан“.

Истакна дека до крајот на оваа годiина земјата, како претседавач со Унијата, ќе ја користи секоја можност за да ја олесни соработката меѓу ЕУ и партнерите од Западен Балкан во повеќе области, односно кога станува збор за заеднички предизвици, како што се безбедноста, нелегалната миграција, животната средина, поврзаноста, но и справување со економските последици од пандемијата.

Порача дека во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, важно е да се слушнат и гласовите на Западен Балкан.

Ставот дека и Западниот Балкан треба да биде дел од дискусијата за иднината на Европа, но и оти местото на регионот е во Европската Унија, го изразија и останатите учесници на денешната конференција во Солун.

Вршителот на должноста заменик- министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бакир Садовиќ се осврна на солунската агенда од 2003 година, рече дека речиси 20 години подоцна, преку денешната конференција земјите од регионот даваат свој придонес во дискусијата што се води за иднината на Европа и Европската Унија и истакна дека „солунскиот дух е жив меѓу нашите пријатели“.

Заменик- министерката за европски и надворешни работи на Албанија Меги Фино, спомена дека пред речиси 20 години од Солун, на „земјите од Западен Балкан им беше дадена јасна ЕУ перспектива“ и додаде дека проширувањето Унијата е од стратешки интерес на ЕУ.

За посветеноста на Грција како во промовирање регионална соработка „без никој да биде исклучен“ и за приближување на регионот до интеграција во ЕУ, говореше заменик-премиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала-Шварц.

Вршителот на должност министерот за европски интеграции на Србија Мирослав Гачевиќ, во име на надлежната министерка се задржа на интересот на Србија за учеството преку идеи и предлози во дискусијата за иднината на Европа, додавајќи дека сите ќе имаат придобивки од вклучувањето на Западен Балкан во работата на конференцијата бидејќи значително ќе се зголеми чувството на земјите од регионот дека припаѓаат во европскиот простор.

Со сличен став беше и шефот на црногорската дипломатија Џорџе Радуловиќ, кој рече дека уеството во конференцијата за иднината на Европа на земјите кандидати е важно и поради тоа што конференцијата може да биде важна политичка алатка за стимулирање на динамиката на процеост на проѓирување.

Во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, во организација на алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис, попладнево во Солун се одржа конференција за регионот „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“, на кој учествуваше и заменик-претседателот на Владата на Македонија надлежен за европски прашања Никола Димитров, а заклучокот на учесниците од сите земји беше дека имале плодна, отворена и искрена дискусија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.