Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека почнува скринингот на имунитетот на населението во Дебар, нешто што во следниот период веројатно треба да се спроведе на територија на целата држава. Ситуацијата во Дебар подолго време е стабилна, активни се само три случаи и нема нови потврдени случаи.

Тоа беше одлична основа за старт на скринингот. После иницијалните разговори со матичните лекари кои укажаа на некои работи кои тие сметаат дека се проблематични во однос на спроведувањето на скринингот, таму тестовите се испратени и во периодот што следи ќе се спроведе во три категории на граѓани, нешто што како стратегија, веројатно, во следните месеци, како испитување на имунитетот на населението, треба да се спроведе на територија на целата држава, меѓутоа во некоја подоцнежна фаза на епидемијата кај нас, рече Филипче.

На сите патронажни сестри кои биле вработени со договор на дело и кои се заинтересирани да работат, кажа Филипче на редовната прес-конференција, ќе им бидат продолжени договорите.

Средства финансиски од страна на ФЗОМ се обезбедени. Ќе бидат вработени дополнителна бројка на патронажни сестри таму каде што ќе покажат интерес за сите нив, согласно на големата потреба на здравствени работници во сите ЈЗО, рече минстерот.

Во функција е ставена амбулантското одделение на Институтот за рехабилитација во Козле, каде имаше заболен пациент и медицински персонал. Филипче, кажа дека вработените биле асимптоматски, петмина се излекувани, а за петмина се чекаат контролните брисеви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.