Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам” почнува кампањата за пописот на населението во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите етнички заедници. Кампањата е креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска унија. Во меѓувреме, продолжува онлајн самопопишувањето на нашинците од странство преку соодветната апликација, на која до вчера до 8 часот се попишале 22.253 лица.
Директорот на Агенцијата, Еран Куртиш вели дека сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на земјата, па затоа е важно е „на пописот да покажеме дека ние тука живееме, одлучуваме, постоиме”.
Затоа е многу важно да се почитува Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Република Македонија со кој се уредува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти, а се загарантирани со Уставот, како и надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и законите со кои се утврдени тие права, додава Куртиш.
Попишувањето од странство преку електронската апликација започна на 1 март, а опфатени се вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства, како и македонските граѓани кои престојуваат во странство поради работа или други причини подолго од 12 месеци. Попишувањето на овие граѓани ќе се врши до 21 април.
До апликацијата за попишување наменета за дијаспората може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со закон.
Предвидено е собраните податоци преку апликацијата да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку апликацијата, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.