Со интонирање на државната химна, почна официјалниот дел од церемонијата по повод јубилејот – 30 години независност на државата што се одржува во центарот на Скопје, пред Парламентот.
Филхармонијата ја изведе Бетовеновата „Ода на радоста“ со вокалните солисти од Националната опера и балет Ирена Кавкалевска – мецо сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Кристијан Антовски – бас, со вклучена кореографија на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
Овој дел од програмата ќе се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски.
Следуваат обраќањата на на претседателот Стево Пендаровски, на претседателот на Собранието Талат Џафери кој ќе зборува преку видео врска, како и на премиерот Зоран Заев.
Потоа ќе почне музичката програма која предвидува сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Република Македонија, во изведба на Вера Милошевска – Јосифовска, Јехона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски.
Во рамките на културно-уметничката програма потоа, следува аудиовизуелниот перформанс реализиран врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.
Церемонијата почна во 17.30 часот со изведба на симфонијата „Убави денови” од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на овој значаен јубилеј. Симфонијата ја изведе Филхармонијата под диригентство на Бисера Чадловска.
Потоа свечено продефилираа здравствени работници, спортисти, пожарникари, припадници на полицијата и армијата, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, национални ансамбли и културно-уметнички друштва, како одраз на нашата мултикултурна традиција и европска определба, приказ на нашето општество денес, еднакво за сите граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.