Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.
Почитувани сограѓани,
Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември – Денот на наставата на турски јазик.
Јазикот е душата на еден народ и негово суштинско, идентитетско обележје. Можноста да се зборува, да се добие образование и да се твори на својот мајчин јазик е право на сите етнички заедници во Република Македонија. Нашата земја претставува сплет на религии, култури и етникуми. Живеејќи заедно и празнувајќи го овој ден, упатуваме моќна порака дека одбележувањето и почитувањето на разликите нè сплотува, нè обединува и ги зацврстува и надградува меѓучовечките односи.
Сплотени можеме да ги надминеме сите искушенија со коишто се соочуваме. Нашата цел како држава и понатаму ќе биде градење подобар и поквалитетен живот и подобро општество за сите.
Нека е честит 21 декември – Денот на наставата на турски јазик!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.