Триесетипетгодишниот битолчанец, кој вчера по компликации од ковид-19 почина во битолската болница, претходно избегал од инфективното одделение во кое бил сместен. Тој самиот заминал дома претпладнето, каде според кажувањето на медицинската екипа од Брзата помош, се напил средства за спиење и смирување.

За бегството било известено болничкото обезбедување, МВР и директорот на Клиничката болница Битола, како и епидемиологот.

Во 18:02 часот пациентот бил донесен со возило на Итна медицинска помош и медицинска екипа во вонредно тешка општа состојба, неконтактибилен, тахидиспноичен, хипотензичен со немерливи витални параметри, немерлива сатурација, со пена на устата и изразена цијаноза. Според кажувањата на медицинската екипа од ИМП, пациентот со приватно возило си отишол дома наводно да се наспие и одмори и се напил средства за спиење и смирување во непозната количина, веднаш заспал и не се будел, по што семејството повикало ИМП кои веднаш дошле во домот и ординирале терапија која немала ефект, по што е донесен на Инфективно одделение. Од страна на дежурната екипа на Ковид одделот биле преземени реанимациони мерки, но без поволен терапевтски одговор. Во 18:45 часот настапила смртта со клиничка слика на тешка кардиореспираторна инсуфициенција и престанок на работа на срцето. Во системот не постојат внесени коморбидитети, велат од Министерството за здравство за битолските новинари.

Во последниве 24 часа на Инфективното одделение во Битола починале и двајца други пациенти на 55 и 73 години од Битола и битолско. Со ова, вкупниот број на починати лица во Битола од почетокот на епидемијата изнесува 61 лице.

Денешниот број на хоспитализирани пациенти во регионалниот ковид-центар во Битола е 76.

Според вчерашниот извештај на Министерството за здравство во Битола беше регистрирана бројка од 51 заразен со Ковид 19. Бројот на оздравени пациенти беше 28, додека пак бројот на активни случаи се искачи на 738.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.