Денес на 56 години почина Ниче Димовски, долгогодишен активист за човековите и граѓанските права и слободи на Македонците во татковината и светот, домаќин, сопруг, родител, успешен бизнисмен и сопственик на компанијата „Македон бетон“, хуманист, филантроп, родољуб и патриот, генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес, автор на седум дела.
Ниче Димовски е роден на 9 октомври 1964 година во Скопје, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Уште од најрана возраст, преку неговиот авантуристички и немирен дух, преку многубројните животни пречки и предизвици, најчесто искусени преку болката и болеста, ги спознава вистинските вредности на животот.
На 44 годишна возраст решава да ја објави својата прва книга “Најголемата вистинска тајна на светот“, која се печати во 2009 година. Прави обиди за дефинирање на нова научна теорија “нанодијанетика“, ги промовира мирот и љубовта меѓу народите и државите во светот, претчувствува позитивни промени на целата планета, трага по вистината за човекот од прапочетокот… За Ниче Димовски, нанодијанетиката, подоцна трансформирана во “Нанониче метод“, е систем на спознанија за силата на мислата врз квалитетот на животот. Оваа книга предизвика вистински бум меѓу читателската публика, една е од најчитаните книги во Македонија, на многумина им го променила животот од корен… Книгата е преведена и на англиски јазик и објавена во Пенсилванија, САД, од издавачката куќа Dorrance Publishing.
Сите седум дела Ниче Димовски им ги посветува на Македонскиот народ и на Македонија: “Кога би можел да избирам, повторно би се родил како Македонец!“
Во 2013 година Ниче Димовски го издава првиот стрип во боја “Александар Македонски – Лавот од Македон“, со единствена желба, најмладите да учат за храбоста на Александар Македонски. Бесплатно го дели на најмладите, да учат за древноста на Македонците и Македонија.
Ниче Димовски е еден од основачите на Светскиот Македонски Конгрес во 1990 година. Од 1990 до 2008 година е генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес, од 2008 до 2012 година е потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес, од 2012 до 2020 повторно е избран за генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес. Активно е вклучен во македонските работи меѓу Македонците во Македонија, сите делови на Македонија и Македонците во светот.
Ктитор е на Македонскиот православен манастир “Свети Петар и Павле“ во Бистрица, Богомила, донатор е на Македонската православна црква “Света Лидија Македонка“ во Ченто, Гази Баба и многу други, донатор е на бројни манифестации, организации и поединци. Организира бројни промоции и трибини на неговите дела ширум Македонија, како и семинари за негови читатели во манастирот “Свети Петар и Павле“ во Бистрица, Богомила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.