Уште на самиот почеток на пленарната седница, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара точката, на која се разгледува извештајот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, да се тргне од дневниот ред, бидејќи, како што вели, и во самата Комисија пратениците не биле убедени и не зазеле став по барањето, па оттаму и запраша, кога веќе оваа точка дошла на дневен ред зошто постојат комисиите и која е нивната улога, доколку не се почитуваат нивните одлуки. Барањето на Мицевски не доби поддршка кај мнозинството пратеници.
Во расправата на пленарната седница се вклучи и пратеникот Илија Димовски, кој истакна дека е бесмислено да се гласа за извештај на Комисија, во кој се наведува дека Комисијата нема одлука.
Дали кон крајот на седницата, претседателот Џафери ќе каже: Го ставам на гласање фактот дека комисијата не зазема став по барање за одобрување на притвор? Ако се гласа „ЗА“, не знам што значи, а исто не би знаел што ќе значи гласот „против“, потенцираше Димовски.
На ова реплицираше пратеникот од мнозинството, Павле Богоевски, кој е претседател на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, според кого, Димовски најдобро би знаел дека Деловникот не е прекршен, бидејќи самиот учествувал во неговата изработка. Богоевски се повика на членот 54, став 1 од Деловникот кој гласи: Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето. За Богоевски клучен беше терминот „барањето“, истакнувајќи дека во ставот не пишува дека пратениците одлучуваат по „одлуката“ на Комисијата, па оттаму легитимно е разгледувањето на барањето за одземање на имунитетот на Велјановски на пленарна седница.
Седницата беше закажана за 21 часот, но почна со половина час доцнење, а подолга пауза беше одобрена веќе во 22.30 на барање на пратеничката Елизабета Канческа Милевска, која тврдеше дека немала време да се консултира со колегите-пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, чија координаторка е, за да се усогласат за став за барањето за одземање на имунитетот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Велјановски. Потоа, пауза побара и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со образложение дека за понатамошната расправа му се неопходни стенограмите од говорите на дел од народните избраници, а Џафери даде само 15 минути слободно време, велејќи дека мора да се запазат роковите за носење одлука – три дена од добивањето на барањето од Судот, односно до недела на полноќ. Координаторот Мицевски се пожали дека му е ускратено правото да побара едночасовна пауза, повикувајќи се на Деловникот.
По жолчната расправа претседателот на собранието, Талат Џафери ја прекина седницата и рече дека дополнително ќе ги извести пратениците за продолжувањето на седницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.