По првиот случај на Омикрон во Македонија здравствените власти немаат намера да ги заоструваат мерките кои се на сила веќе подолг временски период. Секвенционирањето на новиот сој е направено во приватната болница Жан Митрев.

Станува збор за маж кој во земјава допатувал од Велика Британија. Тој во јануари годинава ја имал прележано болеста, но тогаш бил асимптоматски. Пациентот бил вакциниран со две дози од вакцината Фајзер, а во средата по вторпат имал позитивен тест на Ковид 19.

Пациентот кај кого вчера беше секвенциониран сојот омикрон, е со лесна клиничка слика и се наоѓа во домашни услови, вели во телефонска изјава за Канал 5 ТВ, Венко Филипче.

Тој смета дека во земјава има сериозен процент на имунизирано население па согласно тоа нема потреба од дополнителни заострувања на мерките во пресрет на празниците. Доколку тие се почитуваат онака како што се пропишани, сигурно ни овозможуваат заштита да не се заразиме со корона-вирусот.

-Нема да има карантин за останатите патници од авионот со кој допатувал патникот кај кого е регистриран омикрон сојот, зашто сите тие почитувајќи ги протоколите за патување со авион, користеле соодветна заштита со носење Ка/Ен 9 маски, смета тој.

Повикивајќи се на резултатите од последните научни истражувања, Филипче смирува дека оваа варијанта на корона вирусот е послаба во однос на типот Делта. Сепак, тој нагласува дека најдобар начин на заштита од било која варијанта на ковид-19 е вакцинацијата.

Веќе има и научни истражувања кои посочуваат дека третата доза од вакцините штитат до 80% од сите соеви на вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.