Вицепремиерот Љупчо Николовски денеска им се вратил на работните обврски, по неколкудневно отсуство кое поттикна шпекулации дека тој заминал на продолжен викенд во Дубаи, објави 360степени.мк.
Информациите за наводното патување на Николовски се надоврзаа на веста дека и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е на одмор во Мексико, во период кога се развива аферата за набавката на софтверот за „ловење“ сообраќајни прекршоци.
Сепак, од Владата, иако потврдуваат дека вицепремиерот во претходните три работни дена бил на одмор, не ја откриваат дестинацијата на која отпатувал, како што и не ги демантираат информациите дека бил во Дубаи.
Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, согласно Законот за работни односи, од приватни причини, користеше одмор од 2020 година, во времетраење од три дена, заклучно со денешниот ден. Николовски од денеска им се враќа на своите работни обврски, информираат од кабинетот на Николовски.
И Николовски изјави за „360 степени“ дека користел три дена одмор за, како што вели, приватни потреби.
Од денеска продолжувам со ангажманите и во Владата и во СДСМ, вели Николовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Николовски, како и поранешниот генерален секретар на Владата Рашковски, се почестиле со одмор во Дубаи и во Мексико, додека, како што велат од партијата, „народ гладува, повеќе од половина милион граѓани живеат со под две евра на ден, 55 000 ги загубија своите работни места, а 6 200 фирми се затворија“.
Рашковски вчера потврди дека е во Мексико со сопругата, каде што ќе останел до крајот на овој месец, односно 15 дена.
Извор: 360степени.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.