Иако лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев привремено ги одложи оставките од двете позиции, според неофицијалните информации на „Фокус“, тој бил решен дефинитивно да се повлече од двете функции на почетокот на следната 2022 година, кога ќе се заокружат постапките за избор на нов премиер и особено за нов партиски лидер.

Добро упатени извори за порталот посочуваат дека после изминативе локални избори, на кои СДСМ доживеа убедлив пораз од ВМРО-ДПМНЕ, повеќе од 10 имиња се разгледувале и анализирале во комбинација за нов премиер и за нов партиски лидер, при што некои биле во игра само за едната, некои само за другата функција, а некои и за двете заедно.

Како што велат владини извори за порталот, иако првично се разгледувала идејата новиот премиер и новиот лидер на СДСМ да бидат различни личности, сепак, донесена е одлука двете функции да се спојат во една личност.

Првично како најсериозен кандидат се издовила министерката за одбрана и довчерашната заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, но во ситуација ако Заев не ги одложеше оставките. Во таков случај, ќе отпочнеше процедура за избор за нов претседател на СДСМ, за што Шекеринска нема интерес и амбиции.

Во изминативе денови, во контекст за трката за нов лидер на социјалдемократите неофицијално се споменувале многу имиња: Дане Талески, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бојан Маричиќ, Јован Деспотовски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Сања Лукаревска, Венко Филипче…

Но, како што дознава Фокус, најсериозен кандидат за наследник на Заев и на двете позиции не е ниту еден нив, туку тоа е Димитар Ковачевски, кој моментално е заменик-министер за финансии и воедно член на Извршниот одбор на СДСМ.

Повеќе на „Фокус



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.