Попишувањето на лицата државјани на Република Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот 2021 живеат/престојуваат во странство ќе се врши по пат на самопопишување/саморегистрација преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година, соопштуваат од Владата.
Појаснуваат дека овие граѓани влегуваат во категоријата на население за кое ќе се обезбедат податоци со пописот под името „вкупно нерезидентно население“ и тоа се лицата, државјани на Република Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив.
Услов за да се самопопишат е точниот Единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ). Начинот на попишувањето на овие лица е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).
За лицата со место на вообичаено живеење во Република Македонија, кои за време на Пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во Република Македонија, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица.
За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. Давателот на податоците е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, како и соодветен документ од кој ќе може да се преземе неговиот ЕМБГ (со што ќе ја гарантира точноста на дадените податоци). При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци, се вели во владиното соопштение.
Од Владата велат дека пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на луѓето кои заминале, нивното образование, возраст, со цел преземање политики и социо-економски мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата.
Овие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места во однос на побарувачката на пазарот на трудот, креирање напредни младински политики и спречување на т.н „одлив на мозоци“, односно заминување на високо обучени и квалификувани луѓе.
Пописот, како најзначајна статистичка операција, е дефиниран според правната рамка и согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат, како и друга меѓународна и домашна регулатива.
Попишувањето на населението, домаќинствата и становите како сериозна операција ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, кои се од интерес за сите граѓани и затоа е потребно сите да се вклучат во Пописот 2021 година, се вели во соопштението од Влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.