По новиот дневен рекорд во последното деноноќие од дури 386 новозаразени со Ковид-19, вкупната број Ковид дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата се искачи на 20.163. Во истиот период починаа шест пациенти, со што бројката на починати изнесува 781.
Како обид да се делува на запирање на брзото ширење на епидемијата Владата ќе разгледува сет нови ограничувања како што се носење маска на отворено, забрани за поголеми семејни прослави во домашни услови и групирање на јавни простори по 22 часот. Доколку овие мерки не дадат резултат, постои и можност за воведување рестрикции во движењето.
Со оглед на тоа што една од предложените мерки е задолжително носење на маски, останува отворено и прашањето дали казните за нивно неносење ќе се зголемат. Сепак, според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, такво нешто нема да даде ефект.
Според министерот, некогаш е многу поважно ако треба и со помала казна, меѓутоа да се почитуваат тие мерки што ги имаме со поголеми контроли.
Тој смета дека во секоја кризна состојба, па и оваа со Ковид-19, превентивата и подигањето на јавната свест е најважната работа и затоа постојано се апелира до граѓаните.
Во однос на тоа како полицијата ќе ја спроведува мерката за контрола и проверка на домовите, надлежните вчера посочија дека уставните начела ќе се почитуваат, а тоа е начело за неповредливост на станот или на домот. Сепак, се очекува Владата да ги донесе одлуките, а потоа да се одговори на овие дилеми на кој начин ќе се спроведуваат мерките.
Министерот Спасовски појасни дека неповредливоста на домот е уставна категорија, но одлуките што ќе бидат донесени, а се во функција на заштита на животот и здравјето на граѓаните ќе бидат предвидени и ќе има соодветни механизми на котрола и на нивното спроведување.
Не би сакал да разговараме сега кога не се усвоени на Влада, за обликот на тие мерки и што треба да опфатат. Ќе ги слушнеме мерките и аргументите на здравствените власти за секоја од мерките и тогаш ќе се донесе одлуката на Владата. Граѓаните треба да знаат дека постапувањето на полицијата ќе биде исклучиво во заштита на уставните начела и на законските норми – изјави Спасовски.
Доколку мерките за заштита од Ковид-19 не дадат резултат, ќе има препорака за рестрикција во движењето.
Министерот за здравство Венко Филипче синоќа изјави дека доколку има препорака за рестрикции во движењето, најпрво, како што рече, следи скратување на работните часови на одредени економски субјекти, угостителски објекти, но и рестрикција во движењето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.