Неколкудневното надминување на црните дневни рекорди во бројот на новозаразени од Ковид-19 предизвика нагло зголемување на бројот на хоспитализирани од Ковид-19. По рекордните 393 нови заразени од 2464 тестирања регистрирани во минатото деноноќие, вкупниот број на Ковид -дојагностицирани во Македонија се искачи на 20.555.

Во последниот извештај на Министерството за здравство се забележани и четворица нови починати, со што вкупниот број на жртви од Ковид-19 се искачи на 785. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3671.

Според завршените епидемиолошки анализи во моментов дистрибуцијата по градови е следна: Скопје активни 1586, Куманово 168, Штип 101, Прилеп 155, Тетово 213, Струга 58, Битола 97, Кавадарци 55, Гостивар 69, Гевгелија 91 (11 лица од ПЕ Гевгелија се жители на Дојран, 29 на Богданци и 12 се странски државјани), Струмица 245, Кочани 220, Делчево 92 (36 лица од ПЕ Делчево се од Македонска Каменица), Свети Николе 65. Во другите градови има под 50 заразени.

На Инфективната клиника има слободни уште десетина кревети. Министерството за здравство ја подготвува и модуларната болница со цел да се намали притисокот кон болницата „8 Септември“ за да може другите пациенти да добиваат здравствена услуга.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 86 пациенти. На кислородна поддршка се 55 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани се 4 деца и 4 родители позитивни на ковид-19, а нема хоспитализирани суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 45 пациенти. На респиратор се 6 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 24, а во болницата во Штип се 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 200, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Во втроник, Владата треба на седница да ги рагледува предложените нови рестриктивни мерки, а, како што изјави министерот за здравство, Венко Филипче, за предлогот на Комисијата да не се собираат повеќе од четири лица во нечиј дом ќе се консултирале со правни експери во каква форма тоа ќе биде препорачано или забрането, каков ќе биде начинот на контрола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.