Македонците едвај чекаат да се отворат границите. Откако цела година останаа затворени во земјава, сите се надеваат на годишен одмор надвор од Македонија. Денеска министерот за здравство Венко Филипче, рече дека има најави од Грција дека границите за македонските граѓани ќе бидат отворени на 14 мај и тоа Дојран и Богородица. Меѓутоа за сите кои ќе сакаат да одат кај нашиот јужен сосед, ќе биде задолжително покажување на потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест.

Имаме честа комуникација со грчкиот министер со здравство, а разговаравме и со грчкиот министер за туризам Теохарис. Во врска со мерките, ме извести дека двете граници да ги отворат на 14 мај за граѓаните од Македонија во Дојран и Евзони. Но ќе биде задолжително потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест. Тоа земав обврска да видиме какви ќе бидат нашите потврди за вакцинација и листата на овластени лаборатории кои може да даваат ПЦР тест, рече Филипче.

Ваквата изјава веднаш ги вжешти телефоните на туристичките агенции. Се бараат понуди за одмор, главно за јужниот сосед.

Денеска после пладне телефоните почнаа да ѕвонат. Верувајте дека се случуваше по цел ден да не се јави никој. Денов почна да наликува на оние стари добри времиња кога се бараше соба плус за одмор во Грција. Понудите за Албанија, главно приватно сместување се веќе резервирани. Но од денеска започнаа и резервациите за Грција. Имаме понуда откажување на патување поради позитивен тест или пак затворени граници, кога го враќаме целиот уплатен износ. Денешната изјава на министерот ги охрабри луѓето и почнаа да резервираат, па дури и да уплаќаат и цела сума – вели вработена во една туристичка агенција.

Според агенциите голем е и интересот за предсезона, на крајот на мај, почетокот на јуни. Некои од нив дури и имаат склучено договор со лаборатории за поевтин ПЦР тест.

-Денеска уплатив одмор. Размислував цела недела, но по денешната најава од македонска страна дека постои голема можност да се отворат границите, дефинитивно решив да уплатам. Се надевам ќе имаме можност до тогаш да се вакцинираме, во спротивно ќе заминеме со ПЦР тест. Не сметам дека е голем ризик, со оглед дека одиме во приватно сместување, сами ќе подготвуваме храна, ќе избегнеме посети на ресторани. Единствен ризик е набавката на намирници, која реално и тука е иста. И сега за дома набавуваме намирници од маркети- коментира 37 годишен скопјанец кој го начекавме додека уплаќаше одмор во Грција.

И министерот за економија Крешник Бектеши рече дека со почеток на имунизацијата, се исполнети условите за проток на туристи, и дека од утре ќе започнат преговорите со соседите за признавање на ПЦР тестовите.

Од утре сите институции ќе стапат во преговори со сите наши соседи за признавање на ПЦР-тестовите и тестовите за антитела. Што се однесува до мојот коментар за домашните туристи, стратегијата на Владата го обврзува Министерството за економија да го поттикнува и да се направат програми за негова поддршка, рече Бектеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.