По цели 12 часа заврши маратонското рочиште за случајот „ТНТ“, кое во Кривичниот суд започна утрово во 9 часот. И покрај обидите на одбраната да го одложи испитувањето на последните двајца сведоци, судијата Огнен Ставрев до 20.30 часот ја држел главната расправа и ја затворил доказната постапка за предметот.
Обвинетите негодувале што судијата Огнен Ставрев по денешното 12-часовно судење закажал продолжение за само 13 часа откако заврши денешното рочиште за ТНТ. Веќе во 9.30 закажано сослушување на обвинетите, по што следуваат завшни зборови и пресуда, која се очекува да биде донесена пред Нова година, речиси две години по одржувањето на првото рочиште на 24 јануари 2018 година.
Адвокатот на обвинетата Елизабета Најдовска Мерџан Даути од судот побара да ги земе предвид неговите три барања.
Едно од нив се однесува за
истекот на мандатот на две поротнички кои наполниле 60 години. Во судот рече дека за возраста на поротничките кои според Законот за судови, не треба да бидат дел од судечкиот совет поради истек на мандатот, ги известил и претседателот на судот Иван Џолев и Судскиот совет.
Даути уште еднаш побара да го користи своето законско право да зборува на албански јазик и сите докази во овој предмет да му бидат преведени на албански јазик. Освен тоа, Даути побара вештакот на СЈО Павле Гацов да ги донесе сите документи со кои го изготвил вештачењето, бидејќи, како што рече, тоа било
само негово мислење.
Судијата Огнен Ставрев не му ги прифати барањата.
Колега Даути, вашите барања се апсолвирани од судот. Само судскиот совет како ги избрал судиите поротници, може и да ги разреши. Јас немам законска можност ништо во врска со тоа, му одговори Ставрев.
Во предметот „ТНТ“ првообвинет е Никола Груевски, Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.