Катица Јанева е на редовен летен одмор. Каде летува Јанева засега од СЈО за „Слободен печат“ не откриваат, иако во јавноста се рашири веста дека таа и нејзиниот син се видени на Халкидики во Грција.

Додека таа е на одмор има замена. Нејзината замена, сепак, ги нема законските овластувања кој произлегуваат од Законот за СЈО кои ги има Јанева, како потпишување документи, барања за истраги или финансиски исплати, туку има само административен, односно одржување на работната „кондиција“ во обвинителството, велат од Специјалното јавно обвинителство за „Слободен печат“.

Јанева е во првата група на летувалци. Во иста група со Јанева е и нејзината колешка и заменичка Ленче Ристовска. Штом Јанева или Ристоска се вратат на работа, на летен одмор ќе замине и втората група која ја предводи заменичката на обвинителката Бети Јосифовска која додека Ристоска и Јанева се на одмор „проформа“ раководи со работните активности во СЈО.

Летен одмор на Катица Јанева уследи во многу напнат и чувствителен период не само за неа туку и за сите вработени во СЈО. Се започна на 15 јуни кога по налог на Јавното обвинителство во аферата „Рекет“ беше апсен, а за брзо време и притворен Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Истата вечер, додека тој се испрашуваше од судија на претходна постапка, по наредба на ОЈО, беше одземен мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за вештачење. Ден по настанот, токму Јанева од субспецијалист од нејзината родна Гевгелија доби седумдневно боледување од стресот што го преживеала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.