Интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е многу важна за Хрватска, рече доцна синоќа хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, за време на средбата со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, додавајќи дека се надева дека Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ уште пред загребскиот самиот во мај, јави дописникот на МИА.
Додаде дека Хрватска ќе има активна улога во напорите Македонија и Албанија да ги почнат преговорите час поскоро.

Вицепремиерот Османи на средбата во Загреб лично му се заблагодари на Пленковиќ за неговиот ангажман во однос на проширувањето на ЕУ.
Како непосреден сосед на Западен Балкан и практично дел од поширокиот балкански регион, немам дилема дека Република Хрватска искрено се залага за промоција и интензивирање на европските перспективи на целиот Балкан, а имајќи ги предвид долгогодишните пријателски односи и искрената поддршка за европските интеграции на Република Македонија, истакна Османи.
Министерот за надворешни работи Димитров на Пленковиќ му кажал дека, според него, новата методологија за водење преговорите со ЕУ дава шанса за вистински реформи во државите аспиранти за членство.

Во пресрет на мартовските дискусии на Советот помошта на Хрватска ќе биде од клучно значење да се подготви теренот и да се овозможи донесување на одлуката за преговори заедно со методологијата. Методологијата, според нашите оценки, дава повеќе за оние кои ќе постигнат повеќе, а нуди помалку за оние кои нема да успеат да испорачаат доволно. Затоа сметаме дека за нас таа претставува шанса да го надополниме изгубеното време и да се докажеме дека сме способни да го изодиме патот до зачленувањето, истакна Димитров.
Во рамки на посетата на Хрватска, Османи и Димитров остварија средби и со министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, како и со претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања при Хрватскиот сабор, Миро Ковач и Домагој Иван Милошевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.