Дали „Беса Транс“ имала фалсификат документи за изгорениот автобус во кој настрадаа 44 патници, лесно ќе можеше да се види, доколку функционираше Интегрираниот граничен информатички систем.

Тоа е информатички систем во кој се поврзани 9 министерства, 4 агенции, 2 дирекции и 2 инспекторати и при доаѓање на граница на кое било возило или патник веднаш ќе може да се види целата документација, која ја поседуваат сите институции. Од друга страна, инспекторите и без да се присутни на граници, во секое време ќе можат да направат увид што работат граничарите во моментот, објаснува националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров во гостувањето во „Утрински брифинг“.

Пивоваров објасни дека системот го немаме бидејќи Европска Унија во завршната фаза на проектот одлучила да ги повлече парите во износ од еден милион евра за овој систем.

Доколку ЕУ во 2018 во завршениот проект не ни ги повлечеше пари кои беа наменети за тој проект, во овој момент ќе функционираше информатичкиот систем. Немаше да може да велиме дека не можевме да провериме дали документот е оригинален или фалсификат. Цариникот навлегува во базата на Министерството за транспорт и врски и проверува тоа што му е приложено и во една секунда знае дали е оригинален, односно дали поседува документ или не, изјави Пивоваров.

ЕУ во тоа време одлучила парите да ги пренамени за лаборатории на крим техника во МВР, со образложение дека тоа е поважно, со ветување дека ќе се издвојат нови средства во 2020 година. Меѓутоа, тоа не се случило. Пивоваров открива дека веќе еднаш во 2017 година биле наменети 1,5 милиони евра за истиот систем.

Кога дојдов на местото Национален координатор, утврдив дека во 2017 година од претходната власт бил купен системот за 1,5 милиони, но никогаш не профункционирал. Поднесов извештај и до ден денешен истрагата е во тек. Мислам дека се оди на застарување, рече Пивоваров.

Инаку, овој систем би функционирал како тој на Шенген системот на ЕУ и нема да има простор за образложенија на институциите од типот „спор бил системот па царинскиот службеник одлучил да не ги провери документите“.

Царинската управа соопшти дека автобусот на „Беса Транс“ не бил евидентиран при поминувањето на македонско-бугарската граница, поради што суспендирани се од работа двајцата царински службеници што не постапиле според прописите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.