Трагедијата беше страшна, јас се уште сум вознемирен и око немам склопено поради страшните слики што ги видов. Жал ми е, ништо не можевме да направиме затоа што кога стигнавме, автобусот веќе беше изгорен“, раскажа ексклузивно во телефонски разговор за Македонски Медиа Сервис, секретарот на регионалниот совет за безбедност на Перник, Васко Пиргов кој во 3.30 часот дошол на местото на настанот заедно со првите полицајци и пожарникар

Пиргов за ММС ги раскажа првите впечатоци од големата трагедија и објасни дека освен неприлагодената брзина и невнимание на возачот, причина за несреќата во која во опожарениот автобус животот го загубија 46 патници кои се враќале од Истанбул, било и дополнителна лесна запаллива течност која автобусот ја превезувал во предниот дел на местото каде што требало да стои резервната гума.

Ако немало дополнително гориво кое било во автобусот, патниците ќе биле живи и немало да изгорат. Што го предизвикало пожарот, нека кажат обвинителите. Дизел горивото е тешко запалливо, но кога ќе се запали, тогаш станува жестоко и создава висока температура. Најверојатно резервоарот за гориво на автобусот кој се наоѓа помеѓу столбот на предната врата и десното предно тркало, бил пробиен во моментот кога автобусот удрил во заштитната ограда која патот го двои од одморалиштето и во тој момент истекло горивото. Од искрите кои се создале од гребењето на лимарината се добила емулзија на облак која не се запалила. Вториот удар бил клучен кога возачот се обидел да го исправи автобусот. Автобусот удира директно во банкината на средина и таму од самиот удар се запалил. Чадот дошол преку вентилацијата и луѓето прво биле зашеметени, односно задушени и потоа изгореле. Автобусот изгорел во рок од една до четири минути – вели Пиргов за ММС.

Кога Пиргов стасал на местото на настанот, видел дека вратите на автобусот биле блокирани од заштитната ограда, а луѓето се обиделе да избегаат преку средната врата.

Најмногу луѓе се обиделе да бегаат преку средната врата. Таму беше и мајката со двете деца близнаци во своите раце – се присети Пиргов на ужасната сцена која ги потресе македонските граѓани, но и граѓаните на Бугарија.

Иако изутринава бугарското државно обвинителство ја исклучи можноста пожарот да бил предизвикан од туби со дополнително гориво затоа што биле пронајдени празни, Васко Пиргов тврди дека разврската на целиот случај ќе биде побрза ако истражителите отидат до бензинската станица во Турција која се наоѓа точно пред бугарската граница.

На местото од напред каде што стои предната резервна гума, ставале гориво, а гумата била во багажниот простор. Но, треба да се исчекаат резултатите од истрагата. Најлесно разврската на целиот случај може да се види ако се отиде до бензиската станица во Турција, која се наоѓа пред бугарската граница. Тоа е огромна бензинска станица и таму луѓето кои патуваат прават подолги паузи затоа што има што да купат, има пазар и тезги. Дознав дека автобусот таму стоел околу 30 минути и од камерите на станицата може да се утврди дали се точело гориво и што се точело. Патниците не биле сведоци, само шоферот и газдата на фирмата може да го знааат тоа. Претпоставувам дека имало бензин, но не можам да потврдам – изјави Васко Пиргов за ММС.

Тој смета дека полесно за истрагата ќе беше ако пожарот го преживеаше дигиталната картица на автобусот која ќе дадеше многу податоци за паузите и времето на возење, но дека тоа не го менува фактот дека автобусот се запалил од лесно запаллива течност.

Ако немаше лесно запалливо средство, ќе немаше смртни случаи. Можеби ќе имаше повредени и трауматизирани патници, но при оваа траекторија на застанување на автобусот ќе се избегнеле смртни последици. Ова лесно може да се докаже – додаде тој.

Целиот текст на линкот



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.