Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со четворица од петтемина новоизбрани офицери од Армијата на Република Македонија кои во следните четири години ќе извршуваат работни задачи во командните структури на НАТО. Заедно со уште еден офицер, кој веќе е во Измир во Турција, тие ќе бидат првата репрезентација на земјава што ќе ги пополни овие офицерски места во командната структура во НАТО.

Шекеринска информира дека во тек се конкурси за дополнителни седум НАТО позиции на различни нивоа, а планот е до 2023 година целосно да се пополнат сите 20 места, што ни припаѓаат во командната структура во НАТО.

Таа им посака успех и нагласи дека нема никакви дилеми дека одлично првпат ќе ја претставуваат нашата татковина во најмоќната воено-политичка Алијанса. Шекеринска потенцира дека тие поминале низ повеќе филтри, биле проверени, интервјуирани, но сето тоа било возможно заради тоа што секој од нив работел речиси 20 години во Армијата.

Сојузниците знаат дека во нас добија не само сериозен, туку и одговорен и исполнителен сојузник, кој тоа што ќе најави и ќе го вети, знае да го исполни, а го има и капацитетот и знаењето за тие функции, изјави министерката Шекеринска, додавајќи дека овие офицери ќе го потврдат таквиот впечаток, а искуството што ќе го стекнат, ќе го вградуваме во нашата армија и одбрана.

Потполковник Горан Стојановски, кој во името на останатите одбрани офицери, изјави дека за нив тоа е огромна чест, но и одговорност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.