Современик е и сведок на најзначајните политички настани пред, и по создавањето на независна македонска држава. Важи за остар и реален критичар на состојбите во земјата и една од клучните политички фигури на македонската демократска пролет во ’90-тите години. Не е приврзаник на празнични „панагирици“. Во тој стил, уште на почетокот на разговорот за тридеценискиот јубилеј на македонската независнот, јасно потенцира дека во хиерархијата на вреднувања на настаните не треба да се подзаборава датумот кој најсилно го носи тежиштето на нашата државност, пишува Дојче веле во воведникот за интервјуто со Петар Гошев.
– Веднаш на почетокот да кажам: Да ни е честит триесеттиот 8 Септември и за навек да биде прославуван, во мир и благосостојба, од бесконечна низа на идни генерации. Да го прославуваме 8-ми Септември, но да не го подзабораваме и да не го валкаме, како што сè почесто се случува, АСНОМ 1944. Имам впечаток дека се множи бројот на оние што треба постојано да бидат потсетувани и подучувани дека во хиерархијата на вреднувања на настаните од нашата, не претерано долга, државотворна историја, АСНОМ 1944 штрчи како Монт Еверест, пред сѐ друго. И дека, од таа позиција, наспроти сите драми во врска со референдумот од 8 септември 1991 година, вистински и егоцентрично стокмени, не беше многу тешко да се забоде јарболот на новото македонско државно знаме, со намера вечно да го симболизира прогласувањето на целосно самостојната држава.
И, ете, се изведува вистински подвиг: со АСНОМ 1944, преку крвавиот пат до него, се случува воскреснувањето. Се раѓа Република Македонија, дефинирана како рамноправен државно-правен и политички субјект во заедница со државно правни субјекти со многу подолга историја. Ете затоа, да го славиме 8 септември, но да не го потиснуваме АСНОМ 1944, зашто вториов, пред сè, е „сработен“ од АСНОМ-цитеm вели Гошев во интервјуто.
Според него изминатите триесет години ќе бидат запаметени по невидените дострели на корупцијата.
Растот на интензитетот на корупцијата може да се опише вака: на почетокот се крадеше со лажиче (иако ова повеќе важи за социјалистичкиот период), потоа започна да се краде со лопати, за да се стигне до крадење со булдожери. Откако се случи големиот грабеж со приватизацијата на општествениот капитал и експресното создавање екстремно богати капиталисти, во екстремно сиромашна земја во европски рамки, новопечените политички лидери направија сојуз со експресните капиталисти: првите, преку планови за крадење од јавните пари смислувани од вторите, по секоја цена сакаа да го досегнат статусот на вторите – експресно збогатените од периодот на приватизацијата. Потоа, се разбира, мрежата се ширеше и хоризонтално и вертикално. Според концептот за менување на перцепцијата, не на стварноста, триесет години се ветуваше закон за испитување на потеклото на имотот, па дури и самите крадци предлагаа закони за легализација на украденото, ако сами пријавеле и ако десетина проценти од тоа ѝ дале на државата. Ќе ги врателе парите од странските сметки и така ќе се развиела економијата, ќе се решела сиромаштијата. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ триесет години ја реализираат таа идеја, особено пред секои избори. Ете и деновиве, политичкиот комесар за борба против корупцијата, вицепремиерот Николовски, пред овие избори повторно се бави со тоа прашање. А да се погледне самиот и да се сврти околу себе, можеби ќе добие некоја друга идеја?, вели Гошев во интервју за Дојче веле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.