Унапредувањето на човековите права, вклучително и правата на жените е предуслов за развојот на секое општество втемелено врз демократски принципи. Мојата земја е поддржувач на прогресивните политики за родова правда и затоа заложбите и обврските во однос на „Телесната автономија, сексуалното и репродуктивно здравје и права“, беа едногласно прифатени.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски, кој преку видео-порака се обрати на Форумот за генерациска еднаквост, посветен на унапредување на родовата еднаквост, што се одржува во Париз.

Kако што соопштија од неговиот Кабинет, Пендаровски се обрати на панелот на тема „Телесна автономија, сексуално и репродуктивно здравје и права“, при што ги претстави националните заложби на Македонија на овој план.

Според Пендаровски, Форумот за генерациска еднаквост е важен глобален собир за унапредување на родовата еднаквост меѓу мажите и жените и клучен момент за преземање обврски од страна на државите во таа насока.

Македонија се обврзува до 2026 година да го зголеми сеопфатното сексуално образование, согласно меѓународните стандарди на Обединетите Нации и во таа насока се подготвени тригодишен Акциски план со пилот-проекти и наставна програма за ученици од 13 до 15 годишна возраст. Наша заложба е да го зголемиме опфатот на контрацепцијата од 14 на 20 отсто, преку подобрување на пристапот на девојките и жените до советодавните услуги за планирање на семејството и пристапот до абортус како основно право на жените – нагласи Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека се обврзуваме до 2026 година да го редуцираме бројот на детските бракови на тој начин што ќе ги оспособуваме девојчињата, адолесцентите и жените да носат автономни одлуки за своите тела и во таа насока ќе ги усвоиме неопходните законски измени и конкретни политики и ја посочи зголемената поддршка на автономните феминистички и женски организации.

Паралелно со институционалните решенија, не помалку важна е промената на менталитетот кај граѓаните, на колективната свест за родовата правда, преку елиминирање на табуата што се врзуваат за овие сензитивни прашања. Наша обврска е да покажеме политичка волја и преку континуирани, заеднички активности да овозможиме услови за еманципирање на жените и девојките на глобално ниво – вели Пендаровски.

Според Пендаровски, за овие прашања не смее да се прават компромиси и да се дозволи каков било вид на дискриминација, а жените и девојките мора да бидат во позиција самостојно да носат одлуки за своето тело, базирани на знаења и информации.

Македонија е една од првите земји која ги усвои заложбите на Меѓународната конференција за население и развој презентирани на самитот во Најроби. Настојуваме во националните програми и буџети за сексуално и репродуктивно здравје да бидат земени предвид потребите на најранливите и маргинализираните групи, вклучувајќи ги и ЛГБТИ лицата, Ромите, лицата со попреченост, сиромашните, сексуалните работници – изјави Пендаровски.

Тој додаде дека нашата држава од ноември 2020 година е партнер во Акциската коалиција за сексуално и репродуктивно здравје и права и преку претставници од ресорните министерства во Владата активно учествува во активностите на оваа Коалиција.

Во духот на националното мото на Француската Република – „Либерте, егалите, фратерните“, посакувам и верувам дека овие наши декларирани заложби, ќе бидат успешно остварени, и ќе претставуваат цивилизациска придобивка за идните генерации – порача Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.