Претседателот на државата Стево Пендаровски е поборник за процес на прочистување во судството што би се реализирал со меѓународна помош и тоа од ЕУ. Пендаровски вели дека во процесот треба да бидат вклучени докажани странски експерти.
Потребно е да имаме некаков Прибе кој би ја менаџирал таа состојба, рече Пендаровски во интервју за Само вистина на Канал 5.
Тој не смета дека само 15-20 судии треба да заминат од своите позиции туку дека проблемот е многу поголем.
Шефот на државата не сакаше да го коментира случајот „Рекет“ велејќи дека процесот е во тек. Пендаровски само се осврна на презентацијата на снимките во случајот „Рекет“ на судењето од страна на обвинителката Вилма Русковска.
Обвинителката вели Јанева се упатила во правец кон резиденцијата на претседателот. Тоа е средината на август, јас тогаш таму не сум ни живеел. Тоа не е коректно. Тоа се сензивитни информации и не можете така непрецизно да шпекулирате, да велите се движи во правец таму и таму. Може да се движи и кон крстот на Водно, вели Пендаровски.
Со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е осомничена во овој случај, кажа дека никогаш не се видел, ниту се поздравил, додека со Бојан Јовановски – Боки 13, исто така осомничен во случајот, рече дека се фотографирал пред шаторите кај Влада за време на Шарената револуција, и дека тоа е познато за јавноста.
За односите со лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев рече дека нема никакви недоразбирања, но исто така и оти нема никаква посебна комуникација освен редовната институционална меѓу вработените кога Заев бил премиер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.