Претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање во Парламентот, рече дека пред две години, токму од ова место, го најавил проектот МКД 2030 кој, како што посочи, беше замислен да ја постави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години.
За жал, поради пандемијата, како и кај многу други проекти, работата на овој документ беше забавена, се разбира, не и заборавена. До овој момент, во рамките на повеќето работни групи кои се активни, свој придонес дадоа истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите, и од власта и од опозицијата. Иако светот изминатава година беше во карантин, ангажиравме и десетина истакнати интелектуалци од странство и од нашата дијаспора, за што на сите искрено им благодарам, истакна Пендаровски.
Сите тие, како што посочи шефот на државата, имаа комплексна задача пред себе, затоа што членството во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, додека во исто време регионот на Западниот Балкан полека, но, сигурно започна да излегува од стратешките перспективи на големите сили. Пандемијата, како што додаде, ги изложи на увид на јавноста сите системски слабости на општествената инфраструктура, како и областите во кои е потребно инвестирање како подготовка за пост-ковид светот.
Документот ќе содржи проценка на нашите силни, но, и слабите страни кои ќе бараат повеќе инвестиции и човечки капитал, со препорака каде да ги фокусираме нашите напори, со крајна цел, подобар живот за сите. При тоа, МКД 2030 ќе акцентира повеќе меѓузависни теми и области, од дигитализацијата, децентрализацијата и демократизацијата, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, сè до образованието и науката и борбата против масовното иселување на младите, нагласи Пендаровски.
Шефот на државата најави дека во средината на 2022-та ќе се комплетира и објави финалниот документ и изрази надеж дека од надлежните институции тој ќе биде преточен во Национална развојна стратегија, а, во годините кои доаѓаат ќе биде имплементиран од сите идни политички влади, без разлика на која политичка опција припаѓаат. Крајната цел, како што потенцира Пендаровски, е да создадеме структурирани системи со длабоки темели и со внатрешен потенцијал да опстојуваат самостојно, а не да зависат од тоа кој е на нивното чело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.