Претседателот Стево Пендаровски денеска во Тетово изјави дека според информациите кои ги добил од надлежните, досега не постојат индиции дека пожарот во модуларната ковид болница бил намерно предизвикан. Надлежниот јавен обвинител го информирал дека за околу час до два и формално ќе го завршат увидот кој трае веќе втор ден и во најбрз можен рок потоа ќе излезат со нивниот извештај.

До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква друга политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент и се разбира тоа ќе ви го каже денеска или наредниве денови надлежниот јавен обвинител. Процедурата е тие даваат наредби до другите надлежни институции од обдукција до МВР. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност, по нивното добивање на тие сепак извештаи ќе излезе тој со свој збирен извештај во кој ќе се види прво што е причината за пожарот и второ и дали зад тоа евентуално има човечка грешка, истака претседателот Пендаровски во денешната изјава пред опожарената болница во Тетово.

По однос на одговорноста, Пендаровски вели да оставиме да помине некој ден за да се видат сите наоди од истрагата.

Сè уште е рано, не поминале ниту 24 часа од пожарот. Јас секогаш инсистирам да има и морална и политичка и субјективна и секаква одговорност, меѓутоа во овој момент не знам дали постои основ за таква одговорност. Она што го знам е дека во што побрз период да се излезе со истрага и извештај за да нема сомнеж дека некој нешто прикрива и не сака да истражи, истакна Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.