Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими амбасадорот на Француската Република, Кристиан Тимоние.

На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Француската Република, како и информации за актуелните состојби во двете држави, и за случувањата во регионот.

Претседателот Пендаровски, соопшти денеска неговиот кабинет, изразил задоволство од развојот на соработката меѓу двете држави, што се карактеризираат со пријателство и меѓусебна доверба. Пендаровски истакнал дека Република Македонија во Француската Република гледа искрен пријател и сојузник во остварувањето на стратешките цели.

По вчерашното објавување на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2019 година, претседателот Пендаровски изразил очекување дека Европскиот совет, согласно препораката на Европската Комисија, ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство.

За остварување на следниот чекор, одредување датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ ја очекуваме поддршката и од Република Франција, нагласил претседателот Пендаровски на средбата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.