Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на 76 години од основањето на Обединетите нации, што се одржа во Градскиот парк во Скопје, во организација на Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија, соопштија од кабинетот на Претседателот.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање говореше за визијата на генерацијата чија историска задача била да го обнови разрушениот свет после двете светски војни и преку Повелбата на Обединетите нации ги постави основите на новиот поредок и ја изрази споделената визија за мир и безбедност, развој и човекови права.
Во текот на изминативе 76 години, Обединетите нации спречија повеќе конфликти, искоренија многу заразни болести, издигнаа милиони луѓе од сиромаштија. Универзалната декларација на човековите права и сродните меѓународни пакти и конвенции го потврдија вроденото достоинство на секој човек. Корпусот на меѓународното право внесе поголема извесност во односите меѓу државите. И покрај сите успеси на Обединетите нации, живееме во свет што сеуште е далеку од сонот на нејзините основачи. Пандемијата на Ковид-19 ги разоткри постоечките системски нееднаквости и социјални неправди и дополнително ја влоши состојбата на ранливите сегменти во речиси секое општество“, рече претседателот Пендаровски.
Тој истакна дека многу од плановите за климатска акција се директно поврзани со Целите за одржлив развој, а кореспондираат и со Зелената агенда на Европската Унија. Претседателот посочи и на неодамна усвоената Долгорочната стратегија за климатска акција со акциски план чија цел е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски отпорен развој и рече дека со надеж гледаме на претстојниот самит за климатски промени – COP26 во Глазгов. Освен за посветеноста на климатската акција, претседателот Пендаровски посочи дека од пресудна важност е да имаме споделена визија и за развојот на државата.
За таа цел, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот „МКД2030“ како наша, автентична стратешка рамка за развој на Македонија до крајот на оваа деценија. Вклучувајќи претставници на сите сегменти во општеството, преку „МКД2030“ ние ги поставуваме темелните долгорочни развојни приоритети. Исто така, ја поддржувам и Националната развојна стратегија 2021-2041 која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД2030“. Благодарни сме на поддршката од Обединетите нации и другите донатори за спроведување на овој единствен сеопфатен процес за долгорочно планирање. Во ова кратко време што го имаме мора да ги насочиме нашите заеднички напори за да создадеме иднина за младите тука, во Македонија“, порача Претседателот.
Тој додаде дека последиците од одлуките што ги носи нашата генерација ќе ги чувствуваат наредните генерации и дека не смееме да носиме одлуки за младите без нивно учество.
Затоа со УНИЦЕФ ја започнавме иницијативата „Преобмисли ја иднината“ со која им даваме простор на младите да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации. Наша должност е да им помогнеме да бидат дел од процесите на креирање политики и носење на одлуки кои влијаат на нивната и иднината на сите нас. За да ја достигнеме таа светла иднина, ние мора истовремено да работиме на повеќе полиња. Поткрепено со нови цели и методи, преку образованието ние уште денес треба да ги градиме граѓаните на утрешнината кои ќе бидат посвесни за економските и социјални нееднаквости, кои ќе се гледаат како дел од природата, но не како нејзини господари, и кои попродуктивно и поодговорно ќе ги користат новите дигитални технологии. Мора да образуваме генерација на луѓе кои ќе го почитуваат достоинството на разликите. И уверен сум дека Обединетите нации, како една од најважните меѓународни организации, ќе има незаменлива улога во градењето на таква иднина кај нас и во светот“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето по повод одбележувањето на Денот на Обединетите нации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.