Претседателот Стево Пендаровски, имаше средба со поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, кој е во Скопје, по повод одбележувањето на 20 годишнината од Охридскиот договор.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата, Пендаровски на средбата ја нагласил клучната улога на поранешниот генерален секретар на НАТО, Робертсон во надминувањето на конфликтот во 2001 година и постигнувањето на Охридскиот рамковен договор.

Двајцата соговорници констатираа дека и од оваа временска перспектива, договорот е позитивен пример за решавање на конфликти, кој истовремено на државата и гарантира стабилна и демократска иднина, односно институционално надминување на сите предизвици. Претседателот Пендаровски истакна дека, денес, Охридскиот договор речиси воопшто не се квалификува како одредена закана и дека унапредувањето на правата на одредени етнички заедници, може да води исклучиво кон позитивни општествени процеси – стои во соопштението.

На средбата биле разменети мислења и за севкупната соработка меѓу Македонија и НАТО, за реализацијата на проектите во рамки на Алијансата, како и за реформските процеси во областа на одбраната. Двајцата соговорници го нагласиле важниот придонес на државата во безбедносната сфера, како клучен предуслов за стабилност и економски просперитет во регионални и во глобални рамки.

Претседателот Пендаровски и Робертсон разговарале и за актуелните состојби поврзани со интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија, како и за напредокот на државата во клучните реформски области.

Во тој контекст претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираниот придонес на поранешниот генерален секретар на НАТО, Робертсон, за поголема видливост и вреднување на напорите на нашата држава со цел придвижување на евроинтеграцискиот процес – се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.