Европската иднина на  Македонија има перспектива. Двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, да ги решат работите заедно, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски е во Рим по повод чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

Радев уште еднаш повтори дека во разговорите за надминување на проблемот меѓу  Македонија и Бугарија нема потреба од европски посредници.

Нема потреба европска земја да се вклучи, ќе ни треба преведувач. Зошто ни е преведувач?, рече Радев.

Тој нагласи дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји и на зближување на двата народа.

– Исклучително силна порака е што од ова свето место базиликата „Санта Марија Маџоре“ претседателите на Бугарија и  Македонија испраќаат јасна порака кон нашите граѓани за соработка, доверба и пријателство. Таа порака е многу силна, рече Радев.

Верувам, посочи тој, дека делото на Светите браќа Кирил и Методиј не задолжува да работиме заедно на изнаоѓањето секакви можности и патишта за соработка и за изнаоѓање решение и за најсложените проблеми кои ги имаме денеска.

Заедничкото чествување на Кирил и Методиј, шефот на македонската држава го нарече нова динамика во билатералните односи и истакна дека денеска во Рим заедно се оддава почит на двајцата духовни великани чие дело, како што нагласи, ги надминува националните и религиозните граници и е од големо значење за целиот континент и пошироко.

– Ова е една нова динамика во нашите билатерални односи која се надевам ќе биде продолжена. Се надевам дека во годините и месеците што се пред нас стојат многу подобри денови и пред  Македонија и пред Бугарија, напомена Пендаровски.

Одговарајќи на прашање од бугарски новинар, Пендаровски рече дека го поддржува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија од 2017 година, од збор до збор.

– Во 2019 година бев кандидат за претседател на Република  Македонија со директна поддршка на Договорот со Бугарија и директна поддршка на Преспанскиот договор со Грција. Кога велам поткрепа на Договорот од 2017 година меѓу нашите две држави зборувам во неговиот интегритет, а не зборувам за тоа што мене ми се допаѓа или не. Договорот таков како што е напишан до последната буква го поддржуваме, посочи Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.