Новоизбраниот претседател, Стево Пендаровски смета дека со овие избори, земјава покажала дека може да се однесува европски, а институциите да работат професионално.

За потпишување на законите кои не ги потпиша досегашниот претседател Ѓорге Иванов ќе се консултира својот правен тим што ќе го доекипира наредната недела. Тој најави дека ќе учествува во реформите на разузнавачките служби кои се под надлежност на претседателот. Политички реваншизам, рече, нема да има, ниту во институциите под надлежност на претседателот, ниту во претседателскиот кабинет. Сите кои професионално работеле, како што потенцира, ќе продолжат да работат, а секој кој го прекршил законот треба да одговара.

Политичкиот реваншизам треба да биде минато во оваа земја. Кој прекршил закон ќе одговара, кој си работи како треба, стручно, треба да остане на работа независно деали е припадник на партијата на власт, на опозиција или не е припадник на ниедна политичка партија, истакна Пендаровски.

Во врска со законите што не ги потпиша Иванов, Пендаровски напомена дека ќе се обиде најбрзо можно во текот на следната недела да го доекипира неговиот правен тим, бидејќи, како што рече, не сака да потпишува „на слепо“.

Неколку од тие закони знам, но не сите, над дваесет кои се поминати во прописна собраниска процедура. Потоа во најбрз можен рок, ќе ги потпишам. Претспоставувам дел од нив ќе бидат потпишани уште во првите неколку дена по моето влегување во Кабинетот, потенцира новоизбраниот претседател.

Тој најави дека темелно ќе се зафати со реформи на безбедносните служби кои се под негова надлежност, чии злоупотреби биле и најголеми причини за длабоката политичка криза во 2015 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.