Апелирам до власта во текстот на Законот за попис да ги вгради сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата за да добиеме валидни резултати чија кредибилност нема никој да ја оспорува, побара денеска во годишното обраќање од собраниската говорница претседателот на државата Стево Пендаровски. За жал, додаде тој, за законот кој е во собраниска процедура, подолг временски период постојат дијаметрално спротивставени ставови затоа што кај нас, наспроти сите апели за разумен пристап, за жал, пописот не се перцепира како статистичка, туку, како класична политичка операција.
-Уверен сум дека високите политички тензии околу овој, за државата, стратешки важен потфат, во голема мерка би биле намалени доколку сите политички субјекти јавно ја образложат својата цел која очекуваат да биде постигната со донесување на законот: дали добивање на прецизни статистички податоци врз чија што основа ќе може да формулираме долгорочни политики и стратегии во виталните области или политизација на резултатите од пописот заради оспорување на статусот на етничките заедници, истакна Пендаровски.
Своето видување по ова прашање, како што кажа, го кажувал многу пати: не постои држава во светот која напредувала преку кратење на правата на своите граѓани или со проблематизирање на нивниот правен и политички статус.
-Таква грешка ние направивме во далечните 80-ти години од минатиот век и тоа резултираше со меѓуетнички тензии кои драстично ја намалија кохезијата на општеството и неговата отпорност на кризи, рече шефот на државата во дел од годишното обраќање пред пратениците
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.