Мора да бидам претседател на сите граѓани и со интегритет. Ако не се согласувам со премиерот и ако оди преку дозволените граници, ќе кажам стоп, но не ми паѓа на памет ако ми дојде мандатар со 61 потпис од пратениците да не му дадам мандат. Тоа е злосторство против народот и државата. Не ми паѓа напамет да не потпишам закони двапати донесени. Сè што е во корист на граѓаните од мене ќе биде потпишано и поддржано јавно, во интерес на Македонија и на граѓаните, истакна кандидатот за претседател Стево Пендаровски на вечерашната јавна, отворена трибина со прилепчани на плоштадот „Методија Андонов Ченто“.
На 21 април и на 5 мај ќе биде своевиден референдум на се она што направи оваа политичка структура која направи историски исчекор да ја позиционира Македонија на европската мапа. И затоа, нема да гласате за Стево Пендаровски, туку ќе гласате за оваа политика која ја извади Македонија од дното, рече Пендаровски.
Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев смета дека слоганот на кампањата која штотуку почна е заедно, зашто сега е најпотребно единство, заедништво и сплотеност, а не поделби и кавги.
Со пречки и делби внатре нема напредок, туку единството ја прави силата. Храброста на одлуките ја носат државата напред. Донесовме храбри одлуки и затоа не смееме овде да застанеме, зашто патот е трасиран и само по тој пат вреди да одиме. Затоа, нема многу алтернатива во изборот на овие избори. Од другата страна нема ништо, нема ставови, ниту понуда. Има само назад, нови поделби, кавги, рече Заев.
Според него помина времето на политиканство и сега се зависи од нас, а Стево Пендаровски како надпартиски кандидат ќе ги движи процесите. Од друга страна, додаде Заев, се луѓе кои сакаат етнички делби и се без ставови што е незамисливо.
На овие избори имаме едноставен избор. Имаме човек, создаден за претседател. Во 2014 година режимот, заканите и уцените му го зедоа мандатот. Имаме човек за претседател универзитетски професор кој го владее меѓународното право. Стево Пендаровски е претседател на сите граѓани, не ги дели по ниту еден основ. Тој не е член на СДСМ, туку е надпартиски кандидат. Ќе имаме претседател кој ќе биде предводник на интеграциските процеси, но и на животот во државата, на прогресот, потенцира Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.