Во „Клик Плус“ на ТВ21 вечерва Стево Пендаровски сподели една многу важна информација. Тој истакна дека со уште еден министер биле во комуникација со „Фајзер“, од каде им било укажано дека сега предност имаат големите држави со стотици милиони жители, додека не разговараат со жители кои се помали од два милиони.

Да споделам една коресподенција која јас и еден од нашите министри ја имавме со најголемата компанија „Фајзер“ пред Нова Година кога се обративме во седиштето. Прво не прашаа која е големината на потенцијалните консументи, и кога кажавме дека сме околу два милиони луѓе, разговорот брзо заврши.

Рекоа дека во овој момент имаме неверојатно навалување на држави со стотици милиони жители. Така била политиката, да не разговараат со држави помалку од 2 милиони жители, рече Пендаровски кој додаде дека системот „Ковакс“ потфрлил.

Ковакс механизмот за жал, затоа што е веројатно гломазен и затоа што има околу 180 земји партиципиенти, потфрли. Со европскиот солидарен фонд се случи истата работа. Во овој момент, да не се сфати како оправдување за нашите власти, не постои европска држава во моментов, ниту една членка на Европската Унија, каде што граѓаните се доминантно задоволни од тоа како тече процесот на вакцинација, истакна Пендаровски.

Тој повтори дека има три начини да се дојде до вакцини во изминатиот период, во која било држава тоа се тие, како што појасни, Ковакс механизам, кој е глобален, практично во позадина е Светската здравствена организација, која ги собира сите апликанти, и таму се пријавуваш и кажуваш колку си подготвен за одредена диструбуција кога ќе дојде моментот за тоа, понатаму Европската Унија преку таканаречениот солидарен фонд, и третиот начин е билатерално, директно како држава да комуницираш со производителите или дистрибутерите.

Тој потенцираше дека мора да се каже дека на малите држави оваа криза и на почетокот и на крајот се скрши најмногу, бидејќи богатите многу побрзо и многу полесно дојдоа до вакцина.

На новинарското прашање дали освен со „Фајзер“ се побарале  помош со комуниција по одредени дипломатски канали, Пендаровски рече дека побарале и оти не би сакал да ги набројува неговите колеги, бидејќи тие ќе имаат проблеми со нивната јавност.

Јас разговарав со осум претседатели на земји-членки на ЕУ и од сите ми беше предочена таа иста реченица – „ние баравме, точно првата квота требаше да биде 100.000 дози, добивме 20.000, не можеме на ниту еден начин на нашето јавно мислење да му објасниме дека треба да извезуваме било каде, тие велат прво нашите граѓани па се друго, и во ЕУ, не постои земја членка која е близу Израел. Нема ни близу Србија, а камо ли Израел и како да извезуваме. Јавното мислење беше против тоа. Факт е дека се јавувавме секаде каде што можевме. И по служби, и по држави и по поранешни дипломати и по сегашни дипломати, надвор од она што е на власт некаде, тие што ги знаеме наназад 20-30 години, зависи кој колку е возрасен и колку има видено и чуено во животот. Во еден момент, преку некои наши извори во странство добивме информација дека нашиот единствен жив нобеловец Ферид Мурат е во бордот на „Фајзер“, дојдовме до него, разговаравме и со него да помогне некако и тој не упати се разбира до првите луѓе таму, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека неговото сознание за државите кои се најуспешни или прилично успешни општо во светот е дека практично сите тие ги користеле и тие „приватни релации“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.