Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ ги демантира австриските написи дека во Македонија има кампови за обучување на терористи.

Тој вели дека напаѓачот од Виена, Кујтим Фејзулаи, кој по потекло е од тетовско село ретко доаѓал во земјава.

Се работи за ноторна лага, за комплетна фабрикација. На територијата на С Македонија нема никакви кампови за тренинг и обука на терористи. Никакви и тоа го тврдам одговорно, бидејќи ги побарав и ги добив најновите извештаи и на службата за внатрешно и на службата за надворешно разузнавање – вели Пендаровски

Пендаровски додава дека за да биде работата официјализирана, тој издал налог до директорот на Агенцијата за разузнавање преку официјален допис до медиумот да го каже истото.

Станува збор за една хајка во еден дел од австриската јавност, во насока дека Балканот е плодна почна за терористички работи и дека од таму само лоши работи може да дојдат. Но, тој терорист е роден во Австрија и целокупното свое образование какво и да било е во таа држава. Овде има доаѓано одвреме навреме на кратки посети да си ги види пријателите и роднините. Последниот пат бил пред Нова година на 25 декември 2019 влегол на скопскиот аеродром, а на 1 јануари 2020 се има вратено и за тие куси престои тука нема никаков контакт со лица за кои претпоставуваме дека имаат намера или да се борат во Сирија или дека се вратени од таму – вели Пендаровски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.