Претседателот на државата Стево Пендаровски во изјавата на државниот врв по примањето на Извештајот на Ек за напредокот на земјава во евроинтеграциите во Вилата Водно рече дека е задоволен што Европската комисија го препознала напредокот на Република Македонија и повторно препорачала отпочнување на пристапните преговори за членство. 

Добивме јасна препорака за почетокот на преговорите, без дополнителни услови. Извештајот е најдобар досега, а имајќи го предвид строгиот пристап во оценката на напредокот на секоја држава-кандидат, извештајот реално ги отсликува состојбите во Република Македонија, рече Пендаровски.

Претседателот нагласи дека Европа покажала дека знае да цени и валоризира политичка храброст, компромисно решавање на тешките прашања во духот на европските вредности и политика на добрососедство и регионална соработка.

Република Македонија направи решителни чекори, како на надворешно-политички план, така и на внатрешен план, преку спроведувањето на клучни реформи неопходни за напредок на европскиот пат. Овде би истакнал дека во извештајот се препознаени нашите напори во насока на враќање на довербата на граѓаните во институциите, зголемената отчетност, транспарентност и одговорноста на носителите на клучните политики. Но, и обврската за преземање на одговорност во случаите кадешто има идентификувани коруптивни дејствија и соодветен институционален одговор, рече тој. 

Тој очекува Европскиот совет да ги валоризира напорите на земјата, и согласно донесената препорака на Европската комисија, во јуни да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство. 

Наместо да биде колекционер на позитивни извештаи, очекувам Република Македонија да добие фер шанса и да се трансформира преку отворањето на секое одделно поглавје од пристапните преговори. Секое дополнително одложување на почетокот на преговорите, ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на реформските процеси. Но, истовремено може да биде разбрано и како поттик на антиевропските политичари во целиот регион, што е спротивно на напорите за стабилизирање и интегрирање на нашиот регион, додаде претседателот во говорот.

За одбележување е, рече Пендаровски, што најдобриот извештај во историјата на нашите евроатлантски интеграции, со јасна препорака за почнување на преговорите, без дополнителни услови, за прв пат им се предава заеднички на претседателот на државата, на претседателот на Собранието, на претседателот на Владата, и на Врховниот суд.

Денешното присуство на државниот врв, на судството и на претставниците на најрелевантните политички партии на едно место, го демонстрира државниот консензус во Република Македонија за членство во Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.