Кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, нема добиени никакви документи во форма на анекси или протоколи во однос на барањата од бугарска страна.
Ова е одговорот, што „ПресингТв“ го добил по изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека Македонија може да ги почне преговорите за членство во ЕУ уште во февруари доколку го потпише Анексот со 12 точки на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.
Шефот на државата во новогодишното интервју за Националниот сервис меѓу другото изјави дека тој не гледа потреба од анекс на Договорот, а тоа и денеска го потврдија од неговиот Кабинет.
Ставот на претседателот останува истиот, што претходно го има искажано и јавно, дека нема потреба од потпишување на дополнителен анекс со Бугарија – велат од Кабинетот на Пендаровски.
Анексот, што го спомена Каракачанов, пак, за Министерството за надворешни работи е акциски план. Засега нема ниту точна формулација за каков документ, всушност, станува збор, ниту што точно содржи тој, без разлика како ќе се именува – дали како Анекс, дали како патоказ, дали како нон-пејпер.
Каракачанов потсети дека содржината на, како што го именува, Анексот, на македонската страна и бил познат уште од ноември, но притоа не обелодени ништо од документот.
Професорот Тони Дескоски, пак, го потврди постоењето на „Анексот“ на Каракачанов и го именуваше како протокол. Според него, тој ќе треба да го мине и Собраниското сито.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.