Претседателот не чувствува потреба да им се извинува на поранешните вработени во Специјалното јавно обвинителство, затоа што неговата оценка за поранешното СЈО од говорот по повод 2 Август-Денот на Републиката, Илинден, воопшто не се однесува на вработените.
Ова е одговорот, што го доби Лидер од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, по барањето на вработените во поранешното СЈО за извинување од него.
– Оценката се однесува на првиот човек во тоа обвинителство, која беше единствена овластена да покренува обвиненија во име на СЈО и која подоцна заврши како обвинета и осудена во прв степен, велат од Кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Пендаровски во својот говор на Пелинце, меѓу другото, изјави дека администрацијата, високата корупција и неефикасното судство не се само пречка на патот кон ЕУ, туку и пречка за нормален живот на граѓаните.
-Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал. Секоја злоупотреба на функцијата и јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе, изјави претседателот Пендаровски.
На ова со писмо реагираа поранешните вработени во СЈО, како и обвинителката Ленче Ристоска, барајќи извинување.
-Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност и притоа нивниот труд да биде девалвиран, напишаа екс-вработените во СЈО во своето писмо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.