Насочувајќи се на очекуваната вакцинација против корона вирусот и отпорите што се забележуваат во јавноста, претседателот Стево Пендаровски посочи дека недоволно внимание било посветено на ранливоста на граѓаните од пропагандата, дезиндормациите и лажните вести, така што сега преостанува да се справиме со долгорочните  последици од недовербата во институциите и во здравствените работници.

-Не смееме да дозволиме во 21 век за вакви сериозни прашања како вакцинацијата да доминираат ставовите на полуписмени експерти  и шарлатани, рече Пендаровски.

Претседателот меѓудругото нагласи дека заштитата на најсветото – здравјето треба да биде приоритет, па потоа ќе се најде решение за другите проблеми.

Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2.100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек. Честитајќи ви ги на сите престојните празници, сакам, не само како претседател, туку како еден од вас, да ве замолам да ги прославите дома во кругот на најблиските за да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот. Кога издржавме цела година, со маски, карантин, изолација и ограничено движење, ве молам, да издржиме уште некој месец пред да почнеме да се враќаме во нормала. Ќе има време и за излегување и за дружење и за муабети со пријателите и другарите. Но, премногу луѓе изгубивме за да си дозволиме нови човечки и семејни трагедии.

Да ви посакам во 2021-та да имате здравје вие и вашите најблиски. Ако го сочуваме највредното – здравјето, за сите други проблеми и тежини кои животот секогаш ги носи со себе, ќе бараме решенија и ќе си помагаме едни со други, рече Пендаровски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.