Димитар Ковачевски е голема непознаница во политиката бидејќи не бил на позиција претходно, оцени вечерва претседателот Стево Пендаровски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
На Ковачевски, како име кое е извесно за нов мандатар, вели претседателот, треба да му се даде шанса.
Треба да му се даде шанса, факт е дека има богато академско искуство, има години и години партиски стаж во СДСМ, таму го познаваат. Мислам дека има конекции со разноразни групации кои постојат. Мислам дека има добра стартна основа, рече шефот на државата.
И покрај тоа што тој е извесен мандатар, Пендаровски рече ќе чека и официјален допис од една или повеќе партии дека имаат мнозинство и мандатар.
Денеска попладне до мојот кабинет стигна допис од спикерот Талат Џафери дека поднел оставка и цела влада е во оставка. Откако јас го добивам известувањето почнуваат да течат тие 10 дена во кои јас сум должен да го дадам мандатот. Од денес попладне почна да тече тој рок. Ми треба уште еден допис, кому да го дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на економото на „Бихаќка“, морам да знам кому го давам како личност. Конкретно на некој човек, рече Пендаровски.
Според контактите кои се во тек, шефот на државата вели дека предавањето на мандатот би требало да се случи наредната недела – вторник или среда. Откако тој ќе го предаде мандатот, мандатарот ќе има рок од 20 дена за формирање влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.