Претседателот Стево Пендаровски денеска во Домот на Армијата во Скопје оствари средба со пензионираните генерали во Армијата.

На традиционалната предновогодишна средба со пензионираните генерали, претседателот Пендаровски истакна дека Република Македонија со зачленувањето во НАТО исполни една од нашите главни стратешки цели и се валоризираа севкупните напори на сите што работеа во областа на одбраната, а каде голем удел имаа и сите припадници на Армијата, од независноста до денес.

Армијата на Република Македонија денес, нагласи претседателот Пендаровски, е рамноправна со сојузничките армии на другите земји членки на НАТО Алијансата, придонесувајќи за глобалната безбедност.

Претседателот Пендаровски им се заблагодари на пензионираните генерали за нивниот значаен придонес во градењето на Армијата.

Претседателот рече дека инвестирањето во модернизирањето и опремувањето на Армијата мора да продолжи и дека еден од неговите главни приоритети останува во следните години да се достигне зацртаната цел, 2% од БДП да се одвојува за одбраната.

На традиционалната предновогодишна средба, покрај дваесет и четворицата пензионирани генерали, од кои петмина се пензионирани началници на Генералштабот, присуствуваа и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и претставници од Кабинетот на претседателот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.