Претседателот Стево Пендаровски го прими директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, на која се разговараше за тековните активности на агенцијата, насочени кон промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот.
На средбата, Пендаровски беше информиран за новиот програмски циклус на Еразмус+ програмата 2021-2027 година и можностите што ги нуди, како и за предизвиците поврзани со димензионирање на буџетската рамка за нашата држава.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата било разговарано за можностите за соработка меѓу агенцијата и Претседателскиот центар за политичко образование, во функција на реализација на приоритетите на програмата: инклузија и разновидност, дигитална трансформација, животна средина и борба против климатски промени.
Пендаровски на средбата ја истакнал важноста на активностите на агенцијата и организациите корисници на програмата, во насока на обезбедување подобри услови и перспективи за нашите млади, како и потребата да продолжи вложувањето во младите, како носители на развојот во општеството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.